До крајот на годинава се очекува сите корисници на фиксна телефонија на „Македонски телеком“ да бидат префрлени на новата мултимедијална платформа базирана на ИП (интернет-протокол) со што се отвора простор и за нови услуги што допрва ќе доаѓаат и кај нас, а кои ги овозможува развојот на интернетот. Меѓутоа, ова истовремено ќе значи и поевтинување на цените во фиксната телефонија за најмалку 30 отсто. Агенцијата за електронски комуникации (АЕK) подготвува нова регулатива за која веќе имаше јавен состанок со операторите и по неа се очекува да се добијат забелешки, кои потоа ќе се разгледаат. Но, генерално, оттаму велат дека во моментот кога телекомот ќе ја исклучи и последната дигитална централа и корисниците ќе се префрли целосно на новата платформа, компанијата ќе мора да понуди нови пониски цени.
До крајот на годинава се очекува сите корисници на фиксна телефонија на „Македонски телеком“ да бидат префрлени на новата мултимедијална платформа базирана на ИП (интернет-протокол) со што се отвора простор и за нови услуги што допрва ќе доаѓаат и кај нас, а кои ги овозможува развојот на интернетот.
Меѓутоа, ова истовремено ќе значи и поевтинување на цените во фиксната телефонија за најмалку 30 отсто. Агенцијата за електронски комуникации (АЕK) подготвува нова регулатива за која веќе имаше јавен состанок со операторите и по неа се очекува да се добијат забелешки, кои потоа ќе се разгледаат. Но, генерално, оттаму велат дека во моментот кога телекомот ќе ја исклучи и последната дигитална централа и корисниците ќе се префрли целосно на новата платформа, компанијата ќе мора да понуди нови пониски цени.
- По исклучувањето на дигиталните централи што досега се користеа, „Македонски телеком“ ќе треба да достави пресметки за нивните трошоци на работа на новата платформа. Ние имаме две опции или истите да ги прифатиме со предложените цени или да ги измениме. Но, се очекува цените драстично да се намалат и тоа за најмалку 30 отсто - велат од АЕK.
Притоа, ќе дојде и до изедначување на цените на локалните и на националните разговори кои сега имаат различни цени. Во Агенцијата велат дека ќе се сменат и други цени, односно дека веројатно ќе бидат понудени различни пакети на услуги, што ќе може да го направат и другите оператори кои нудат услуги во фиксната телефонија.
- Во суштина, во фиксната телефонија борбата е околу интернетот бидејќи користењето на фиксното „ало“ е многу мало, но е значајно врзувањето на корисниците за користење на интернет-мрежата- објаснуваат од АЕK.
Со оваа инвестиција во вредност од 14 милиони евра, Македонија ќе биде прва земја од Југоисточна Европа која ќе има мрежа базирана целосно на интернет-протокол. На новата платформа во старт беа префрлени сите оние што користат некоја од услугите на телекомот на „Макс ТВ“ (телевизија или интернет), а постепено се префрлат и оние што имаат само фиксен телефон. А според податоците од компанијата, такви има околу 300.000 домаќинства, кои останаа верни на „Македонскиот телеком“ и на класичниот начин на комуникација.
Со префрлањето, на граѓаните им се инсталира посебен интегриран уред на кој во иднина, ако корисникот сака, ќе може да се приклучат сите комуникациски уреди кои може да се користат во домот, фиксен телефон, паметен мобилен, лаптоп и сите нови типови телевизори, веб-камери, интернет-радија и друго.
- Поставувањето на интегрираниот уред е неопходно без оглед на тоа што можеби граѓанинот моментно користи само фиксен телефон од причина што тој е основа за услугите што можеби ќе се користат во иднина - велат од „Македонски телеком“.
Оттаму додаваат дека иако сега изгледа неверојатно, можеби нема да биде далеку времето кога преку мобилен телефон ќе може да се пуштат во функција машина за перење, клима-уред, греење или некој друг апарат во домаќинството и кога корисникот е надвор од домот. Оваа опција е веќе достапно во некои технолошки поразвиени земји. А за тоа ќе бидат потребни само паметен телефон со одредени апликации и секако соодветни апарати за домаќинство и мрежа базирана на ИП-протокол.
Гевгелија, инаку, е првиот град во земјава кој целосно функционира на новата платформа, а при крај е префрлањето на корисниците и во уште неколку градови. Од телекомот велат дека процесот се одвива со зацртано темпо и очекуваат дека до крајот на годината проектот ќе биде целосно завршен.
Еднакви цени во мобилната телефонија
Од 1 септември стапува во сила новата цена на интерконекција меѓу операторите во мобилната телефонија која ќе значи и можност за намалување на цените или понуда на нови различни пакети. Моментно големопродажните цени за остварен повик што меѓусебно ги плаќаат операторите изнесуваат 3 денари за повик кон мрежата на телекомот, односно 4 денари кон мрежата на „Вип“ и „Оне“. Од септември оваа цена ќе изнесува 1,2 денар, а во септември идната година ќе се намали на 0,9 денари. Ова значи дека ако корисник на некоја од мрежите повикува број кон друга мрежа, трошокот на операторот ќе биде ист како да врти во сопствената мрежа. Оттаму и се очекува дека корисниците веќе нема да имаат потреба да имаат по три телефони од секој од операторите, бидејќи цените на повик кон која било мрежа ќе бидат исти.